Споменик „Илинден“ (Македониум) – Симбол на непокорот

Споменикот „Илинден“ бил изграден на 2 август 1974 година, дело на Јордан и Искра Грабулоски, симбол на непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за национална слобода. Не случајно е лоциран на Гумење каде во текот на десетте слободни денови работело Горското началство на Крушевската револуционерна околија, раководена од претседателот Никола Карев. Ликовно естетско обликување на споменичниот комплекс, започнува со раскинатите пет пранги кои го симболизираат и согласно историските збиднувања го категоризираат пет вековното османлиско владеење во Македонија. 

Продолжува преку гробницата- крипта во која се поставени 58 топовски цевки чија форма е инспирирана од црешовото топче. Секоја од нив засебно претставува замислен гроб и на цевките се испишани имињата на најзначајните имиња на револуционери, настани и датуми од илинденскиот период. 

Колоритно мозаичната керамопластика од порцелан со два раскрилени ѕида со мотивот „македонски фолклор” се изработени 1974 година во Лондон, како составен дел од третата платформа наречена сцената (училница). Оваа творба е на сликарот Петар Мазев и е простор каде што се одржуваат часови по историја, тоа е местото каде што биле сместени Горското началство и претседатекит на Републиката за време на востанието. Тука била и бараката каде е прогласена Крушевската Република и на тој простор за првпат е испробано црешовото топче. Комплексот завршува со куполата извишена на 1320 метри н.в. во форма на боздоган каде е вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев (1877-1905) чиј кубусен гроб е поставен помегу галериите кои ги презентираат двата Илиндена: од 1903 и од 1944 година. Куполата има 12 отвори од кои 8 се таканаречени галерии. Тие на релјефен и естетско уметнички начин заедно со вечниот помен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја” од д-р Тома Прошев, хронолошки го претставуваат културно-историскиото и духовното богатство од поновата македонска историја, започнувајки од преродбата, Илинденското востание и Крушевската република, НОБ и АСНОМ и изгрејсонцето на денешната слобода.

Споменичната композиција е поделена на четири дела. Трите први етапи се еден вид на “пропилеи” увод во последниот дел – “функционалната скулптура” како топчеста архитектонска градба. Првата низа отвори (пред четирите галерии) го насочуваат погледот на четирите страни на светот. Така се откриваат различни делови на градот и на пејсажот, природни предели и пространства каде се случувале настани од историјата на македонскиот народ. Во галериите обично на ѕидовите се изведени осум релјефи во бел цемент.


Информации за посетители:

📍Локација: Гумење, Крушево.
⏰ Работно време: Секој ден, од 09:00 до 16:00 часот.
🗺️ Како да стигнете: Споменикот се наоѓа на највисоката точка на месноста Гумење