Музејски Објекти
Споменик „Илинден“ (Македониум) – Симбол на непокорот
Споменикот „Илинден“ бил изграден на 2 август 1974 година, дело на Јордан и Искра Грабулоски, симбол на непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за национална слобода. Не случајно е лоциран на Гумење каде во текот на десетте слободни денови работело Горското началство на Крушевската револуционерна околија, раководена од претседателот Никола Карев. Ликовно естетско обликување на споменичниот комплекс, започнува со раскинатите пет пранги кои го симболизираат и согласно историските збиднувања го категоризираат пет вековното османлиско владеење во Македонија.
Музеј „Леарница“ – Тајната фабрика за муниција
Во срцето на Илинденското востание во 1903 година, во куќата на Пашка Лапеска, работела една од најважните алки на востаничкиот отпор. Под превезот на обична бојаџилница, овде била сместена тајната леарница за куршуми, раководена од интелектуалната група на чело со Никола Киров Мајски, Наум Томалевски, Стерју Блажев и Атанас Поп-Христов.
Галерија Никола Мартиноски: Ризница на македонската модерна
Иницијативата за создавање на оваа уметничка галерија се раѓа во средината на 60-тите години на минатиот век. Поттикнати од длабока приврзаност кон родното Крушево и желбата да му оддадат почит на доајенот на македонската современа уметност, група видни крушевчани го покренуваат процесот за зачувување на делото на својот сограѓанин.
Музеј на Народноослободителната борба (НОБ)
Сместен на историското брдо Гумење, Музејот на НОБ е отворен во 1989 година како спомен -обележје на борбениот дух на Крушево. Поставката прави фасцинантен мост меѓу двата Илиндена — револуционерната 1903 и ослободителната 1944 година.
Галерија на икони (Црква Св. Јован)
Сместена во прегратките на црквата „Св. Јован“ — најмладата од четирите крушевски цркви, изградена во 1905 година — оваа галерија е вистинско светилиште на православната уметност и копаничарството. Отворена како постојана изложба во 1978 година, таа е дом на непроценливото наследство на крушевските зографи.